Фешта на првиот ден од 2024: Ливерпул со гол-шоу се зацврсти на чело на табелата

Првиот ден од новата година донесе апсолутен спектакл во Премиер-лигата, откако Ливерпул во фантастичен меч го совлада Њукасл со 4-2, зацврстувајќи се на првото место на табелата. Мохамед Салах беше во главна улога, со промашен пенал во првото полувреме, но потоа и со два гола и една асистенција во вториот дел, на својот последен меч пред заминувањето на Купот на Африкански Нации. За доминацијата најдобро говори фактот дека Ливерпул имаше дури 32 удари кон противничкиот гол, од нив 15 во рамките на голот, а само одличното издание на гостинскиот голман Дубравка спречи катастрофа на Њукасл на „Енфилд Роуд“.

Првото полувреме донесе апсолутна доминација на домашниот тим, избраниците на Клоп создадоа пет стопроцентни шанси, но Дубравка бранеше неверојатно, успевајќи да го запре и пеналот на Салах. Вториот дел донесе поинаква слика, јасно беше дека Њукасл не може да ги издржи налетите, па Ливерпул експресно поведе преку Салах, по одличната акција на Луис Дијаз и на Дарвин Нуњез. Дарвин промаши зицер за 2-0, а казната стигна експресно, откако Исак по еден контранапад израмни на 1-1.

Клоп се реши за промени, внесувајќи ги Жота, Гакпо и Гравенберх, што се покажа како одличен потег. Куртис Џонс погоди за 2-1 по одличната акција на Салах и на Жота, а нешто подоцна Ливерпул го постигна и третиот гол, стрелец беше Гакпо по маестралното додавање на Салах. Ботман скокна највисоко по еден корнер и намали на 3-2, но Ливерпул експресно одговори со четврти гол, од пенал на Салах откако Жота беше фаулиран од голманот Дубравка.

Ливерпул сега е осамен на врвот на премиерлигашката табела со 45 бода, пред Астон Вила со 42, Манчестер Сити има 40 бода и меч помалку од „црвените“, додека Арсенал по двата пораза во низа остана на 40 бода по 20 одиграни натпревари.

Се вчитува...