Салах: Ливерпул е доволно силен да победува и без моја помош…

Мохамед Салах е меѓу најзаслужните што Ливерпул се наоѓа на чело на премиерлигашката табела, „фараонот“ досега има 14 погодоци зад своето име, па токму затоа огромен ќе биде предизвикот за „црвените“ во наредниот месец, во кој Салах нема да може да игра бидејќи ќе отпатува за настап на Купот на Африкански Нации за селекцијата на Египет.

Тој сигурно ќе го пропушти дуелот со Арсенал во ФА Купот на Англија викендов, потоа двете полуфинални средби од лига-купот против Фулам, а ако Египет стигне до финалето на Купот на Африкански Нации, Салах нема да може да настапи против Борнмут (гости), Челси (дома), Арсенал (гости) и Барнли (дома) во рамките од Премиер-лигата.

Одличниот голгетер сепак изрази оптимизам дека одличната серија на Ливерпул ќе продолжи и без негова помош, верувајќи дека „црвените“ поседуваат доволно квалитет за да се носат со сечие отсуство.

„Титула за Ливерпул? Зошто да не, ние искрено веруваме во тоа, имаме искусни фудбалери, имаме и топ-таленти во нашите редови. Се што треба е да се работи напорно, на тренинзите и на натпреварите. Верувам во мојот тим, Ливерпул е доволно силен да победува и без моја помош. Јас одам на АФКОН, секогаш уживам кога играм за својата земја, сакам да го кренам тој трофеј и да го израдувам народот во Египет“, изјави Салах.

Се вчитува...