Предупредување: Чурлинов не може вечно да го чека Шалке

Дарко Чурлинов е решен да си замине од Барнли во јануарскиот преоден рок, македонскиот репрезентативец не крие дека сака да се врати назад во Шалке, но сериозна пречка за овој трансфер се финансиските проблеми на германскиот клуб.

Управата на Шалке објави дека нема пари за јануарски засилувања, дури ниту за позајмица на Чурлинов, со што дополнително ја искомпликува целата ситуација. Денеска со изјава за германските медиуми се јави агентот на нашиот интернационалец, Мехмет Есер, кој јавно го предупреди Шалке дека Дарко го губи трпението во преговорите.

„Она што сите го знаат е дека Дарко Чурлинов сака да се врати во Шалке, тоа не е тајна. Зошто нема напредок во преговорите? Одговорот е едноставен – Шалке нема испратено никаква понуда. Точно е, се сретнавме со претставници на германскиот клуб во Скопје, а Чурлинов следниот ден доби 4.000 пораки од навивачите. Неговата желба за враќање никој не треба да ја доведе во прашање, но проблемот е во клубот. На крајот, Шалке и Барнли мора да се договорат, а ако Шалке во блиска иднина не испрати понуда, ние ќе почнеме да разговараме со останатите заинтересирани клубови. Чурлинов не може вечно да го чека Шалке“, предупреди агентот Есер.

Најзагреани за услугите на македонскиот репрезентативец се Сент Паули и Фортуна Дизелдорф, екипи кои се ривали на Шалке во втората германска лига, но и со сериозни амбиции за влез во елитното друштво.

Се вчитува...