Томас Тухел инсистира на ангажман на нов централен дефанзивец во јануарскиот преоден рок, но челниците на Баерн Минхен се мачат да најдат адекватно решение што би го засилило постоечкиот играчки кадар на баварскиот гигант.
Араухо од Барселона е прва желба која ќе остане неостварена во овој преоден рок, а слична судбина се најавува и за преговорите за ангажман на Фикајо Томори. Англискиот дефанзивец од редовите на Милан важи за предводник на одбраната на „росонерите“, а Тухел во него гледа идеална опција за играч кој добро се снаоѓа и во формација со тројца дефанзивци во линија.
Како што јавува „Скај Германија“, Баерн стапил во контакт со „росонерите“, но челниците на германскиот шампион останале разочаани откако увиделе дека нема никаков простор за разговори. Ставот на Милан бил јасен – во ситуација кога голем дел од првотимците се повредени нема никаква шанса Томори да биде продаден до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Италијанскиот гигант во јуни 2021 го откупи Англичанецот за сума од 31 милион евра како клучен играч за годините што следат, па пораката од Милан до Баерн била јасна – Томори е недостапен за трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА