Ракометната репрезентација на Мaкедонија денеска (17 часот, СЦ „Борис Трајковски“) ќе го одигра првиот дуел од двомечот со селекцијата на Грција, како генерална проба за европскиот шампионат во Германија на кој нашиот национален тим ќе почне со настапи на 10 јануари. Избраниците на Кире Лазаров ја одработеа првата фаза од подготовките во Стара Пазова, таму славеа на единствениот контролен меч што го одиграа со Црна Гора, нашите ракометари од 2 јануари повторно тренираат и максимално подготвени ќе влезат во дуелот со Грција.
Станува збор за ривал што ни е добро познат ако се знае дека во ноември во Солун одигравме две средби со јужниот сосед на кои забележавме еден триумф и едно реми. За разлика од тој двомеч, селекторот Лазаров денеска на располагање ќе го има Марко Митев, младиот бек на Алкалоид кој имаше серија одлични настапи за македонскиот вицешампион во ЕХФ Европската лига, па сега ќе се обиде во ист стил да продолжи и во репрезентативниот дрес.
„Пред нас се два меча кои треба да бидат искористени на најдобар можен начин. Трениравме напорно во овој период, но сега треба да покажеме на терен што е одработено. Грција е ривал по мерка, селекција што исто така е учесник на ЕП во Германија, па сигурно нема да биде лесно да се стигне до победата. Сепак, веруваме во себе, во она што го работевме во изминатиот период и веруваме дека во нашата сала во Скопје ќе стигнеме до победа што дополнително ќе ја крене атмосферата во пресрет на шампионатот во Германија“, изјавуваат од нашиот табор во пресрет на двомечот со Грција.
Влезот за денешниот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ е бесплатен. Вториот дуел меѓу Македонија и Грција, што е закажан за утре, ќе биде од затворен карактер како последна можност за двајцата селектори да воиграат дел од тактичките замисли пред почетокот на европскиот шампионат.
Македонската репрезентација на 8 јануари ќе отпатува за Германија, каде веќе на 10 јануари ќе го има премиерниот меч на ЕП 2024, против селекцијата на Франција, меч што ќе биде одигран на фудбалскиот стадион „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф.
Потоа нашиот национален тим се сели во Берлин, каде на 14 јануари ќе ги одмери силите со домаќинот Германија, а два дена подоцна за ривал ќе ја има и селекцијата на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА