Повремениот македонски репрезентативец Енис Фазлагиќ зимава ќе има нов клуб, откако планира да ја напушти Висла Краков каде што не одигра ниту една минута на официјален натпревар во текот на целата полусезона.
Фазлагиќ не е во плановите на Висла, и играше само на пријателски меч во ноември, кога одигра 30 минути за својот тим, и поради тоа ќе има нов клуб во текот на зимскиот преоден рок. Полските медиуми пишуваат дека Висла веќе му бара нов клуб на играчот од средниот ред, и дека можна варијанта е и позајмица.
Фазлагиќ е во Висла од 2021 година, а претходно настапуваше за Жилина. Мина на позајмица во Дунајска Стреда, по што во јуни 2023 година повторно се врати во Краков. Но, откако е јасно дека нема да добива шанса во полскиот второлигаш, ќе си замине од клубот. Неговиот договор со Висла е до 2026 година.
Фазлагиќ во минатото играше за младинските екипи на Вардар и на Шкендија, потоа играше за сениорскиот тим на Шкендија, и во 2018 година заминува во Жилина. За македонската репрезентација има одиграно еден натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

