Меѓународниот Институт за фудбалска историја и статистика (ИФФХС) денеска го објави идеалниот тим од фудбалери за 2023 година. Она што е интересно, меѓу најдобрите единаесетмина се наоѓа Лионел Меси, но не и Кристијано Роналдо, иако Португалецот со 54 гола на 59 натпревари е најдобар стрелец во светскиот фудбал во изминатата календарска година.
Роналдо претходно не се најде ниту на листата од десет најдобри фудбалери во изборот на ИФФХС, за денеска повторно неговото име да не се појави ниту во идеалниот тим во овој избор.
За најдобри тројца напаѓачи во 2023 година се избрани Килијан Мбапе, Хари Кејн и Ерлинг Халанд. Лео Меси е преселен во средниот ред, заедно со Белингем од Реал Мадрид и со Родри и Де Бруине од европскиот првак Манчестер Сити. За најдобар голман е избран Едерсон од Манчестер Сити, додека во одбранбената тројка на овој „дрим-тим“ се најдоа Ким Мин-Џае Рубен Дијаз и Алфонсо Дејвис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

