Барселона доби уште едно шпанско дерби на домашен терен, откако по триумфот над Реал Мадрид пред два дена, вечерва каталонскиот гигант славеше и над Басконија со 89-85. Басконија имаше предност од 11 поени (62-73) на седум минути до крајот, но Барса заигра далеку подобро во одбраната, направи пресврт и стигна до триумф. Во главна улога како и против Реал беше Јан Весели, чешкиот центар самиот псотигна десет поени во низа за Барса во последните пет минути, носејќи пресврт и трасирајќи го патот до победата. Весели со 23 поени беше прв стрелец во оваа победа, а одлична игра прикажа и Џабари Паркер, со 17 поени, 6 скока и 5 асистенции.
Виртус Болоња се зацврсти на второто место на табелата со рутински триумф на гостувањето против Алба од 68-83. Болоња уште во првото полувреме стигна до „плус 20“, убедливо водство што го контролираше до самиот крај за заслужена радост во Берлин. Најефикасни во победничкиот тим беа Данстон и Шенгелија со по 12 поени.
Олимпија Милано и без помошта на повредените Миротиќ, Шилдс, Берон и Маодо Лео лесно и убедливо го совлада Баерн Минхен со 76-62. Девон Хол го предводеше победничкиот тим со 19 поени, пред Бортолани со 12 и Појтрес со десет поени. Прв стрелец на Баерн во вечерашниот пораз беше Ибака со 16 поени.
Валенсија катастрофално загуби натпревар на домашен терен од Панатинаикос (81-82), со неверојатниот расплет во последните 30 секунди. ПАО израмни преку Вилдоза на 81-81, шпанскиот тим го имаше последниот напад, но по промашениот шут на Харпер почетнички реагираше центарот Дејвис, кој под противничкиот кош направи фаул над Лесор. Францускиот центар го погоди второто слободно фрлање и донесе голем триумф на грчкиот гигант, кој пред два дена несреќно загуби од Басконија, но денеска со многу среќа ја освои Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА