ФА Куп на Англија: Еврогол на Педро Поро за триумф на Тотенхем (видео)

Тотенхем со многу мака успеа да ја мине првата пречка во ФА Купот на Англија откако „спарси“ славеа со 1-0 на дуелот против Барнли. Гостите промашија стопроцентна шанса во првото полувреме, Тотенхем се мачеше без помошта на Сон, но на крајот улогата на херој му припадна на десниот бек Педро Поро, кој постигна еврогол од 25 метри на петнаесетина минути до крајот.

Барнли потоа имаше две извонредни шанси во 97. минута, гостинските фудбалери не успеаја да го најдат патот до мрежата, што значеше и незаслужен пораз за тимот на нашиот Дарко Чурлинов.

Фулам се пласираше во следната рунда по победата од 1-0 на дуелот со Ротерам. Рид беше стрелец на единствениот гол во 24. минута, казнувајќи ја големата грешка на гостите кои ја загубија топката во сопствениот шеснаесетник.

Брентфорд и Вулверхемптон ќе играат уште еден меч откако вечерашниот дуел заврши без победник, 1-1. Брентфорд поведе преку Мопеј, „волците“ израмнија со голот на Дојл во второто полувреме, а треба да се напомене дека гостите од деветтата минута беа со фудбалер помалку на теренот, по црвениот картон што го заработи Гомес.

Се вчитува...