Последните контролни натпревари со Грција беа одиграни, па селекторот Кире Лазаров денеска ја разреши и последната дилема околу списокот на патници за Германија, за настап во репрезентативниот дрес на ЕП 2024.
Македонската експедиција ќе брои 18 ракометари, а во однос на оние кои ги минаа подготовките во Скопје отпадна Цветан Кузманоски. Левото крило на Е. Пелистер по новогодишните празници ќе се врати во Битола и ќе биде на располагање за стартот на подготовките на актуелниот шампион. Ова го остава Лазаров со Петар Атанасијевиќ како единствена класична опција на лево крило, со тоа што и Иван Џонов може добро да ја покрие оваа позиција во националниот тим.
Како што најави селекторот Пешевски и Никола Маркоски ги надминаа здравствените проблеми поради кои не настапија на првиот дуел со Грција, па двајцата искусни ракометари ќе бидат во комбинација за настап на европскиот шампионат. На натпреварите од ЕП 2024 секоја репрезентација ќе има по 16 играчи во тимот, што значи дека селекторот Лазаров ќе мора да скрати уште двајца ракометари од својот список пред премиерниот дуел со Франција закажан за 10 јануари.
Македонската репрезентација ќе отпатува на 8 јануари за Германија, првиот меч ќе го игра на 10 јануари во Дизелдорф, по што веќе следниот ден ќе патува за Берлин. Таму, „црвено-жолтите“ на 14 јануари ќе се сретнат со домаќинот Германија, а настапот во групата А ќе го завршат со дуел против Швајцарија закажан за 16 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА