Стојан Тодоровски нов тренер на Тетекс

Пролетната сезона во единствената  Втора лига на Македонија, Тетекс ќе ја започне со нов шеф на стручниот штаб. Клубот ќе го води Стојан Тодоровски, кој во есенската сезона му беше помошник на тренерот Филип Деспотовски, кој  поднесе оставка на три кола пред крајот на првиот дел од второлигашкото првенство. Тодоровски како активен играч го носеше дресот на Вардар, Металург,Македонија, Балкан, Слога и Алумина. Помошник ќе му биде Трајче Стојковски, активен фудбалер и капитен на Тетекс. Стојковски истовремено е и тренер на младинците на скопски Вардар.

Тетекс е навистина своевиден рекордер по смена на тренери, бидејќи за последните 18 месеци Стојан Тодоровски ќе биде седми шеф на стручниот штаб кој ќе седне на неговата жешка тренерска клупа. На почетокот на сезона 2022/23 Бојан Захариев беше првиот тренер кој беше ангажиран во Тетекс, не не за долго, по неколкуте порази доби отказ. Го замени Дејан Савевски, за кусо време, за да местото му го отстапи на Даниел Радевски. Потоа дојде Љупчо Димовски, кој го водеше Тетекс само на еден натпревар. При крајот на сезоната кормилото го презеде искусниот Љупчо Марковски Калц кој преку бараж успеа да го спаси Тетекс од испаѓање од Втората лига.

Новата сезона 2023/24 Тетекс одново го започна со  нов тренер бидејќи Љупчо Марковски се врати во Скопје каде со години беше негов тренер. Првенството го започна Даниел Радевски, но беше сменет по првото коло и поразот од Победа во Прилеп со 6:1.На ред дојде Филип Деспотовски  но ненадејно на три кола пред крајот на есенското првенство поднесе отставка. Даниел Радевски, по се изгледа е дежурен тренер на Тетекс бидејќи повторно, по третпат седна на неговата клупа, но само за тие три последни есенски натпревари.И како што веќе напишавме, Стојан Тодоровски како  седми тренер ќе ја започне пролетната сезона. Дали и ќе ја заврши, останува да видиме.

М.М

Се вчитува...