Милан ја забележа и втората победа во 2024 година (првата беше во Купот на Италија) откако „росонерите“ попладнево рутински славеа на гостувањето против Емполи со 0-3. Откако на претходните мечеви се мачеа на гостински терен, избраниците на Пиоли овојпат делуваа сигурно, го контролираа темпото на игра и резултатот и заслужено стигнаа до трите бода, прва гостинска победа по три месеци пауза за овој тим.
Во прилог им одеше и што ја искористија првата шанса што ја создадоа на мечот, Лофтус Чик натрча по едно додавање на Леао во 11. минута и ја смести топката во мрежата. По триесетина минути игра резултатот веќе гласеше 0-2, Жиру беше стрелец на голот од пенал по минимално играње со рака на едендомашен фудбалер во сопствениот шеснаесетник.
Емполи заигра поофанзивно во второто полувреме, домаќините создадоа и неколку одлични шанси, но не успеаја да ја намалат негативата. Напротив, Милан успеа да стигне и до трет гол, по еден контранапад во кој Пулишиќ го матираше домашниот голман.
Милан со овој триумф останува на третото место на табелата со 39 бода, дури девет помалку во однос на лидерот Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА