Шест месеци преговара со Интер, сега ќе потпише за Јувентус

Јувентус е на добар пат да осигура значајно засилување откако „старата дама“ влезе во завршна фаза од преговорите за ангажман на Тијаго Џало, дефанзивецот на Лил кој веќе извесен период беше најавуван како големо засилување за Интер.

Имено, „нероаѕурите“ од летниот преоден рок го следат Џало, но поради повредата на коленото што ја заработи во март не тргнаа за негов потпис ниту во текот на летото ниту пак за овој преоден рок. Дефанзивецот има само уште шест месеци од актуелниот договор со Лил и Интер водеше преговори да потпише преддоговор и во јули да го доведе без никаква отштета, специјалитет за директорот Марота.

Проблеми за Интер настанаа откако Јувентус се вклучи во трката по Џало, и тоа за зимски трансфер, со што и Лил би добил шанса за заработка. Првата понуда на „старата дама“ изнесува три милиони евра, а Јуве начелно има договор и со фудбалерот, кој би потпишал на четири и пол години со „црно-белите“ од Торино. Екс-фудбалерот на Лил, Тимоти Веа, учествувал во убедувањето на Џало, кој сега е многу поблиску до Јувентус отколку до Интер.

Планот е Џало, кој важи за централен дефанзивец, но и за квалитетен лев бек, во следните неколку месеци да се адаптира во Јувентус како дел од ротацијата на Алегри, но потоа во следната сезона тој да биде прва опција на лев бек на местото на Алекс Сандро, кој летово како слободен играч ќе го напушти клубот.

Се вчитува...