Јувентус ја продолжува трката за скудетото со Интер откако „старата дама“ стигна до уште една тешка гостинска победа, овојпат на гостувањето против Салернитана со 1-2. Слично како и на претходниот дуел со Фросиноне, повторно херој беше Душан Влаховиќ, кој го постигна победничкиот гол во судиското продолжение.
Салернитана има за што да жали ако се знае дека домашниот тим не само што одлично парираше во првото полувреме, туку успеа и да поведе преку Маџоре во 39. минута. Сепак, Маџоре од херој се претвори во трагичар на својот тим откако по осум минути игра во вториот дел заработи црвен картон, оставајќи ја Салернитана на цедило.
Јувентус е тим што знаеше како да ја искористи таа предност, Илинг Џуниор израмни на 1-1 на асистенција на Влаховиќ, пред српскиот голгетер со прецизен удар со глава самиот да го комплетира пресвртот, на огромна радост на гостинските фанови на стадионот во Салерно.
Јуве со вечерашниот триумф има 46 бода на своето салдо, само два помалку од лидерот Интер и дури седум бода предност во однос на третопласираниот Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА