Сагата околу иднината на Килијан Мбапе нема да заврши зимава без оглед на настојувањата на Реал Мадрид да добијат конечен одговор од францускиот голгетер во следните денови. Француските медиуми објавија дека Реал денеска и официјално испратил понуда за преддоговор со Мбапе, што би станал конкретен договор од 1 јули 2024 година, но и со краен рок напаѓачот најдоцна до 15 јануари да одговори дали прифаќа да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“.
Причините се и повеќе од јасни, Флорентино Перез не сака да извиси како минатото лето, кога беше убеден дека има договор со Мбапе, пред Французинот да се премисли во последен момент и да ја продолжи соработката со ПСЖ. Затоа првиот човек на Реал би сакал годинава многу порано да ги разреши сите дилеми, но таа желба по се изгледа нема да му се исполни.
Извори блиски до фудбалерот тврдат дека тој е разочаран од односот на „кралевите“ и воопшто нема намера да го прифати нивниот ултиматум. Тоа не значи дека Мбапе ќе го одбие Реал, туку дека сака исто како и минатата година да има што повеќе време да размисли, да добие што повеќе понуди пред на крајот да ја донесе конечната одлука. Она што е интересно, Реал му нуди на голгетерот годишна плата од 26 милиони евра исто како и лани, но бонусот за потпис овојпат изнесува околу 80 милиони евра, значително понизок од оние 130 милиони што Флорентино му ги имаше понудено минатото лето.
Повеќе од јасно е дека од финансиски аспект понудата на ПСЖ ќе биде доминантна во однос на Реал, и во поглед на платата и во бонусите на крајот од секоја сезона, но останува да се види дали Мбапе повторно ќе ги избере парите пред желбата за освојување на европски трофеи, нешто што дефинитивно станува невозможно во дресот на „светците“.
Како трета опција се споменува Ливерпул, но Јирген Клоп веќе стави до знаење дека без оглед на високото мислење што го има за Килијан, не верува дека неговиот клуб е подготвен да ја наруши целата финасиска конструкција за ваков мега-трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА