Лазаревски пред утрешниот старт на ЕП: „Ако треба нашиот потенцијал да го ставиме на тест, па најдобро е што тоа ќе биде против едни Франција и Германија!“

ЕКИПА во Дизелдорф, Германија

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација го одработи финалниот тренинг во Дизелдорф пред утрешнот старт на Европското првенство 2024 во Германија.

Пивотот Милан Лазаревски и тоа како со нетрпение го очекува почетокот на првенството кое, пред се треба да донесе предизвик за нашиот млад состав, и приказ на сликата на репрезентацијата која треба да ја очекуваме во иднина.

„Апсолутно сме подготвени за се она што не очекува во Германија без разлика што сме свесни и за тежината на противниците кои ги имаме. Нашиот селектор обрнува огромно внимание на детали, и навистина детално го анализиравме утрешниот наш противник Франција“ – вели Лазаревски и дополнува:

„Факт е дека Франција е можеби најсилната светска селекција. Но, ете никој од нас не сака да бидеме отпишани уште од старт. Зошто да не парираме и на тој противник? Да, и тоа како ги респектираме но не не застрашува нивната моќ. Имаме една силна спортска почит за нив, но тоа нема да го промени нашиот пристап во мечот и желбата да го дадеме максимумот“.

Лично, мина низ еден одличен период на игри кои треба само да дадат вистински импулс за тоа што те очекува на шампионатот.

„Верувам во своите способности. И ако тие треба да бидат ставени на тест тогаш тоа нека биде токму вака против едни од најдобрите репрезентации во светот. Било која улога да ми биде дадена од селекторот подготвен сум да ја искористам шансата максимално во дресот на Македонија“ – вели Лазаревски.

Со каков резултатски епилог би бил Лазаревски задоволен од Европското првенство 2024?

„Успех за нас на ова првенството ќе биде да се подигне нивото на играта, и на индивидуален и на колективен план, па за да добиеме јасна слика кој пат го трасираме за иднината на ракометот, за да го знаеме потенцијалот на овој колектив и да добиеме навистина квалитетна репрезентација во иднина“ – истакнува македонскиот репрезентативен пивот.

 

Се вчитува...