Вардар официјално го промовираше Михајлов: „Не чека тешка битка за опстанок, секој меч пролетва ќе биде наше финале!“

Горазд Михајлов денеска и официјално промовиран како нов предводеник на најтрофејниот македонски клуб, Вардар.

Црвено-црните ги очекува тешка битка за опстанок, но Михајлов нагласува дека и тоа како е подготвен да се впушти во коштец со предизвикот кој ќе значи и спас за Вардар.

„Се радувам што се вратив таму од каде што потекнувам, затоа што фудбалот го почнав од фудбалската школа на Вардар а сега повторно сум тука во својот дом“ – истакна Михајлов на денешната прес-конференција притоа дополнувајќи:

„Сите знаеме во каква ситуацијата е Вардар, но навистина ме радува фактот што полека се стабилизира финансиската состојба затоа што Вардар е клуб на нарадот. Вардар е најголемиот бренд во Македонија и така треба да се однесуваме кон него. Јас може да ветам дека заедно со моите соработници ќе го дадеме својот максимум, заедно секако и со фудбалерите, и да ја оствариме целта. Верувајте секој од преостанатите 15 натпревари во првенството за нас ќе биде посебно финале и секој бод ќе ни биде повеќе од драгоцен. Се нафатив за овој предизвик затоа што го знам овој тим на Вардар, игравме со Силекс двапати изминатава есен против овој тим, и знам дека има потенцијал“.

Во стручниот штаб на Вардар како прв асистент ќе биде Марјан Герасимовски, како и кондицискиот тренер Теодор Терзиев и тренерот на голманите, Бојан Димковски.

Вардарци работат и на ангажман на неколку нови имиња, тимот сигурно ќе биде освежен во текот на преодниот рок, нов вршител на должноста спортски директор ќе биде Влатко Колев.

„Секако нашата цел е опстанок во прволигашкото друштво. Во таа насока, во соработка и договор со новиот шеф на стручен штаб секако планираме квалитетни домашни и странски засилувања, но тоа ќе биде објавено во следниот период“ – истакна Колев.

Стартот на подготовките на Вардар е закажан утре, 10. јануари. Од 14. јануари Вардар ќе се пресели надвор од Скопје на седумдневни подготовки, а се планираат и финални подготовки надвор од Македонија.

Се вчитува...