ЕКИПА во Дизелдорф,
Стеван Цаневски
Никола Митревски е најискусниот во таборот на националниот тим, играч што бил дел од репрезентацијата при најголемите успеси и разочарувања и кој многу добро знае што значи да се бранат боите на Македонија.
Во пресрет на овој шампионат, голманот на Порто јасно става до знаење дека самиот успех на ова ЕП мора да се смета за голем успех.
„Во овој момент самиот пласман на европско или светско првенство, за нас треба да претставува успех. Скоро секогаш сме биле нереални во нашите очекувања за конечниот резултат на првенствата, јавноста очекувала такви изјави од страна на играчите, преоптимистички за подоцна, ако не се исполнат тие очекувања, да има простор за секаков вид коментари. Овој пат одиме како аутсајдери, па ќе видиме што ќе донесе тоа“, изјави Митревски за ЕКИПА.
Искусниот голман верува дека нашата подмладена селекција поседува голем потенцијал, а искуството од ова ЕП во Германија ќе биде драгоцено за репрезентативците.
„Имаме добра атмосфера во репрезентацијата, позитивен, младешки дух којшто во иднина треба да се одржува таа позитивност и заедно со квалитетот што го имаме и искуството што ќе го добијат некои играчи да се стремиме кон подобар краен резултат на првенствата, бидејќи оваа група на играчи има голем потенцијал“, порачува Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА