ЕКИПА во Дизелдорф,
Стеван Цаневски
Македонската ракометна репрезентација со денешниот дуел против Франција (18 часот, „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф) го почнува настапот на европскиот шампионат во Германија, уште еден чин во низата редовни настапи на нашите најдобри ракометари на елитните собири, на светско и на европско ниво.
Серијата трае уште од ЕП 2012 во Србија, ова европско првенство во Германија е седмо во низа за нашиот национален тим, вкупно осмо во историјата на континенталните собири заедно со нашето учество во Италија во 1998.
Во досегашните седум настапи, Македонија има 37 натпревари, со скор од осум победи, шест нерешени средби и 23 порази. Нашата селекција е сопственик на неславниот рекорд за најубедлив пораз во историјата на европските шампионати, оној од далечната 1998 од селекцијата на Чешка со 20 гола негатива (18-38).
Јасно е, групата е исклучително тешка, па со тоа се спуштија и апетитите – од атак на место во следната фаза сега македонската јавност би била задоволна и со победа над Швајцарија и „пристојни порази“ од Франција и од Германија. Но, најмногу од се од ракометарите се бара борбеност, самопожртвуваност, колективност во играта… нешто сосема спротивно од бездушните изданија во првата фаза на последниот мундијал во Полска.
Свесни за тоа се и селекторот Лазаров и сите ракометари, па во овие подготовки акцент беше ставен токму на тој аспект од играта, за „срце на терен“ да не биде повторно само фоскула во изјавите пред натпреварот, туку реалност за време на сите 180 минути на терените во Дозелдорф и во Берлин.
Критичари, добронамерни, но и од оние другите, имало и ќе има, но најважно на овој шампионат е да се направи чекор напред, како квалитет, но како карактер на оваа подмладена репрезентација.
Шоуто наречено ЕП 2024 може да почне, со преполни трибини на фудбалски стадион, и со Македонија на терен против моќната Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА