Есенва девет клуба во Првата лига ги сменија тренерите

Горчлив е трнерскиот леб во Првата фудбалска лига на Македонија. Се менуваат тренери како на филмска лента, секој пораз, секој неуспех носи отказ од клубските моќници. За тоа најдобро говори примерот на крајот на есенската сезона кога дури девет клуба ги сменија тренерите со кои ја започнаа сезоната 2023/24.

Во таа смена на тренери несекојдневен рекордер е новиот прволигаш Гостивар, на чија клупа седеа дури четири тренери, за да сега, во пролетната сезона, седне и петтиот. Но да почнеме по ред. Кога се очекуваше дека Турчинот Октај Дерелоглу ќе го води Гостивар откако под негово раководство се пласира во Првата лига, преку ноќ беше заменет со неговиот сонародник Мурат Дабан.  Но кога зачестија  поразите, веднаш се најде негова замена , исто така тренер од Турција Емре Озгајер. И тој не седеше долго на клупата, по поразот против Струга Трим за Купот, мораше да си замине. До крајот на есенската сезона Гостивар го водеше  Муарем Муарем, кој едно време играше и за Работнички. И тука не е крај, кога е во прашање тренерското столче на овој клуб. За пролетната сезона, ангажиран е нов тренер, повторно од Турција, Исмаил Аталан, кој нема некое големо тренерско педигре, тотален анонимус. И што е  уште најинтересно, Госгивар има и резервен шести тренер, кој седи на клупата како шеф на стручниот штаб. Tоа е Блажо Панов од Кавадарци за да ги исполни прописите со својата Про лиценца, задолжителна за тренерите во Првата лига која не ја поседуваа досегашните тренери од Турција. Блажо Панов, кој има висока Про лиценца, издадена од Фудбалската федерација на Русија, бидејќи полагал во Москва, не е одговорен за резултатите на Гостивар.  Сепак, како што дознавме неговите совети во последните кола кога Гостивар бележеше одлични резултати беа мошне корисни за тренинзите, но не и за време на натпреварите.

Во клубот е и познатиот тренер Жикица Тасевски, кој е кординатор на сите категории на фудбалери, кој исто така има Про лиценца. Сигурно и тој има удел во последните добри резултати.  Затоа и се поставува прашање, зошто тој или Панов официјално не ги тренираат и не ги водат од клупата фудбалерите на Гостивар? Одговорот најдобро го знае спонзорот на овој клуб кој непотребно плаќа двајца тренери. Еден да работи со играчите, не многу успешно, како досега, другиот само да седи на клупата, во улога на тренер без ингеренции. Но во фудбалот е така, оној кој  дава пари и го финансира клубот, тој одлучува за се.

Кога сме веќе кај тие резервни тренери во Првата лига уште три клуба ги користат нивните услуги, да седат на клупата и нивното име да биде запишано во протоколите поради нивна Про лиценца. Тоа е Мите Митев кој седи на клупата на Македонија/ Ѓ.П/, како шеф на стручниот штаб наместо Тони Џангаровски, Гордан Здравков во Тиквеш како замена за Ѓорѓи Мојсов и Ангел Темелков во  Брегалница, наместо Горан Здравков. Со своето богато искуство, сите овие тројца „резервни“ тренери можат повеќе да помогнат во развојот на фудбалот во Македонија како активни тренери во некои клубови, отколку вака да фигурираат само со име во протоколите. За ова треба тренерската организација на Македонија па и Фудбалската федерација  да  размисли и да донесе некое решение бидејќи ова со „резервните“ тренери не е во интерес  на фудбалот во нашата држава.

Текстот ќе го продолжиме со есенската смена на тренерите. Во Македонија /Ѓ.П / Тони Џангаровски го замени есенва Горан Симов, на кого не му помогна  ниту освојувањето на Купот на Македонија. Беа доволни три порази и да  му кажат збогум во клубот. Истото му се случи и на Берат Имери во Воска, него го заменин Миљан Радоњиќ. Есенската смена на тренери продолжи и во Работнички, Гоце Седловски го презеде тренирањето од Милан Илиевски, како и  Младен Жижовиќ во Шкупи наместо Арслан Џихат. Неуспесите ги почуствуваа и тренерите во Брера Струмица која започна со Тони Атанасов, по него на голема врата дојде Италијанецот Џовани Валенте,  за да при крајот на есента биде ангажиран Србинот Бојан Круљ, не толку познато име. И да потсетиме, и  Брера имаше „резеревен“ тренер во Шефки Арифовски бидејќи ниту Атанасов ниту Валенте немаа Про лиценца. Тука не е крајот на смените. Откако не успеа да ја освои есенската титула со Шкендија тренерот Адријан Нухиу го плати цехот, на неговото место дојде Јетон Беќири. И Вардар ќе продолжи со нов тренер во пролетната сезона, со амбициозниот Горазд Михајлов, откако Боби Грнчаров и Александар Васовски не ги исполнија очекувањата на навивачите на најтрофејниот клуб кој е на последното место на табелата. Ќе се обиде да го спаси Горазд Михајлов, кој е единствен тренер кој во  есенските смени неочекувано си замина од Силекс, иако имаше успеси, го зацврсти на четвртото место на табелата. Тој се реши на нов предизвик, го бараа и „комитите“ да му помогне на клубот во оваа тешка битка за опстанок бидејќи е дете на Вардар . Михајлов успеа пред четири години да го внесе Борец од Велес во Првата лига, а потоа пред две сезони и Силекс. Него во кратовскиот прволигаш го замени Александар Васовски.

Mиодраг Мицковиќ

Се вчитува...