Македонскиот фудбалски второлигаш Пелистер ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната во кој главна цел на битолскиот тим ќе биде враќање во прволигашкото друштво.
Тренерот Влатко Костов го имаше првиот собир со фудбалерите кои оваа пролет ќе имаат тешка задача да стигнат до едно од двете места кои водат ранг погоре.
„Нашата желба за резултат е директен пласман во ПМФЛ. Имаме два нови играчи на кои им посакавме добредојде, тоа е Керим од Детонит и Наумоски од Победа. Се работи за искусни играчи кои и тоа како ќе ја зголемат нашата конкуренција во тимот за да имаме уште подобри резултати. Во следните денови ќе имаме лекарски прегледи, ќе имаме по еден тренинг дневно, а од понеделник почнуваме да работиме по двапати дневно. Тоа е нашиот план на подготовките, се надевам дека сите ќе бидат здрави за да можеме да дојдеме до посакуваниот резултат, а тоа е прволигашко место“, изјави Костов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА