Почетен пораз на Македонија на ЕП: Франција покажа зошто е ракометна велесила!

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација со пораз го стартуваше настапот на ЕП 2024, откако вечерва загуби на отворањето на шампионатот од селекцијата на Франција со резултат 39-29. Избраниците на Лазаров одиграа одлични стартни петнаесет минути, но тоа беше недоволно за посериозен отпор, бидејќи штом Французите заиграа во препознатливиот ритам, резултатот експресно се сврте во нивна полза и на крајот стигнаа уедлива победа.

Лазаров се реши за почетен состав Велковски, Талески и Џонов како бекови, Пешевски на пивот и Атанасијевиќ и Ненад Костески како крила, со Никола Митревски очекувано како прв голман. Талески го отвори резултатот за почетно водство на нашата селекција од 1-0. Французите набрзина направија пресврт за 2-1, но Џонов одговори со својот прв гол на европските шампионати (2-2). Противникот премногу релаксирано влезе во мечот, а Македонија знаеше како да го искористи тоа, со нови два гола на Талески и Џонов израмнивме на 4-4, а потоа бевме и подобар противник со половина од првото полувреме, кога поведовме со 10-8 преку Кузмановски, за истиот ракометар нецела минута подоцна да промаши зицер за „плус три“.

Францускиот селектор Жил побара тајмаут, по што олимписките шампиони се разбудија и влегоа во својот препознатлив ритам, како во нападот, така и во одбраната и за една минута експресно израмнија на 10-10. Лазаров во 19. минута ги уфрли Митев, Лазаревски и Никола Костески, во нападот се вративме на „шест на шест“, но во меѓувреме се разбрани противничкиот голман Десбоне, па Французите поведоа со 10-12. Серијата на противникот ја прекина Џонов со гол од крило, но Французите веќе влегоа во својот ритам, од цврста одбрана постигнуваа лесни голови на спротивната страна, па во 24. минута Лазаров побара тајмаут при резултат 11-14. Митев погоди во првиот напад по тајмаутот, но падот на концентрацијата во самиот финиш придонесе на одмор да заминеме со четири гола негатива (13-17), по цепелинот што во последните секунди го реализираше Ричардсон.

Второто полувреме продолжи со цврста игра на француската одбрана, против која се мачевме да најдеме решение, што резултираше со загубени топки и лесни голови во мрежата на Митревски (24-17 во 39. минута). Лазаров побара тајмаут при 27-19 во 43.минута, успеавме да реализираме неколку напади во низа и да намалиме на 28-22. Французите на две минути до крај стигнаа и до двоцифрена предност 37-27, а на крајот триумфираа со конечни 39-29.

Хуго Деска со седум гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај нас со ист број погодоци заврши Жарко Пешевски, а еден помалку имаше Иван Џонов.

Се вчитува...