Лазаров: Не заслуживме „минус десет“, менталитетот е проблем, играчите треба повеќе да вложуваат во себе…

ЕКИПА во Дизелдорф,

Стеван Цаневски

Македноскиот селектор Кире Лазаров му ја честиташе заслужената победа на противникот, не криејќи дека жали што конечниот пораз е двоцифрен, нешто што нашите ракометари со играта не го заслужија.

„Честитки за Франција, тоа е најдобрата репрезентација на светот заедно со Данска и заслужено победа. Задоволен сум од моите момци во големиот дел од мечот, но тоа не беше доволно бидејќи моравме да ги одиграме сите 60 минути во ист ритам. Она што ме разочара е конечниот резултат, бидејќи мислам дека со играта што ја прикажавме не заслуживме двоцифрен пораз. На моменти париравме целосно, на моменти имавме и премногу грешки во нападот, а Франција е таква селекција што те казнува и знае за пет минути да направи огромна предност, не само против нас туку и против далеку посилни репрезентации од нашата“, изјави Лазаров по натпреварот.

Силата на противникот придонесе Лазаров да ја смени својата вообичаена тактика, па да прејде на „седум на шест“ во подолги периоди од натпреварот.

„Моравме да играме „седум на шест“,многу подолго отколку што планирав и посакував. Имавме проблеми и загубени топки на шест и шест и затоа моравме да се фокусираме на „седум на шест“, на тој начин да ја приближиме противничката зона поблиску до нивниот гол. Како што реков, во многу работи бевме сосема добри, но Франција беше едноставно премногу силна и знаеше како да ја казни секоја наша грешка“, вели Лазаров.

Според македонскиот селектор, голем проблем за да се направи тој значаен чекор напред за приближување до елитата е недоволната физичка подготвеност за врвен спорт.

„Тактички не заостануваме толку многу, во играта се гледа дека „имаме и глава и опашка“. Она што ја прави разликата меѓу нас и Французите, но и останатите врвни селекции, тоа е онаа физичка сила во која значително заостануваме. Тоа е генерален проблем, тука на сцена стапува нашиот менталитет, методика на работа на самите играчи, кои не вложуваат доволно во себе. Секој од тие млади таленти треба да вложува во себе, да биде подготвен на жртва, за да работи уште повеќе и да напредува во кариерата. Верувајте дека тоа го прават младите ракометари во Франција, Шпанија и останатите врвни ракометни земји, додека кај нас се оди на молење за дополнителна работа, нешто што е неопходно ако се сака да се направи посериозна кариера. Ова кај нас не е проблем само во ракометот, туку и во речиси сите колективни спортови. Ракометно можеме уште повеќе да се приближиме и да се носиме со сите ако ракометарите напреднат на физички план. За тоа е потребна и промена на системот, повеќе тешки натпревари во лигата, средби во брзо темпо бидејќи сите сериозни репрезентации диктираат таков вид на ракомет, како што ја видовме денеска на дело Франција“, потенцира кормиларот на нашиот национален тим.

Се вчитува...