Се враќа фудбалот во Богданци: Вардарски есенски првак на Третата лига-Исток

Повеќе од десет години љубителите на фудбалот во Богданци немаа можност да гледаат фудбалски натпревари. Нивниот миленик Вардарски, кој во осумдесеттите години беше еден од најдобрите клубови во Првата лига на Македонија, речиси згасна, дури беше избришан од Централниoт регистар како клуб. Останаа само сеќавањата на едни убави времиња, кога Вардарски беше на прагот да стане и член на Втората лига на Југославија, кога неговиот дрес го носеа многу познати фудбалери, предводени од поранешниот селектор на репрезентацијата на Македонија, подоцна еден од нашите најдобри тренери Ѓоко Хаџиевски.

Не залудно тогаш Вардарски го нарекуваа: Втора репрезентација. Покрај Хаџиевски, во тие убави времиња за фудбалот во Богданци, за Вардарски играа:  Драган Илиевски-Вршац, Миле Јовановски, Мојсеј Морарцалиев, Перо Ранготов, Трајче Невеселов, Баже Лазаревски, Никола Секулов,  Пане Блажевски, Ангел Кимов, Лазар Илиев, Благој Петров, Ариф Бегановски, Благоја Зајков. Уште многу познати имиња го носеа неговиот дрес. Да не ги заборавиме и тренерите Бранко Роксандиќ, Блажо Малинков, Трајче Невеселов и еден од најуспешните Диме Георгиев. И сигурно клупската легенда Ѓоко Паунков, алфа и омега на Вардарски, човек кој не жалеше ниту труд ниту време да биде со своите играчи, се радуваше на победите, тагуваше по поразите заедно со нив. Голема помош ја имаше и во секретарот на клубот, неговата десна рака Атанас Аврамов.

Но за жал, се уште е убаво има и свој крај. Откако ненадејно, по несреќен случај почина директорот на„ Млаз“ Томче Шимов, кој беше главен спонзор на Вардарски, колата тргна на низдолница. Секнаа парите, ги снема и успесите, играчите полека си заминуваа. Вардарски испадна од Првата, потоа и од Втората лига, играше едно време и во Третата , за да потоа наполно исчезне од фудбалската карта на Македонија.

Долго траеше фудбалската пауза во Богданци за да пред неполни три години, на иницијатива на градоначалникот на  Богданци Блаже Шапов, поранешен фудбалер, кој за време на студиите во Скопје играше и за Цементарница, повторно беше обновен Вардарски, регистриран и почна да игра  во Третата лига-исток. Минатата сезона не се прослави, беше последен, но сепак поради откажување  на некои клубови, доби шанса и во сезонана 2023/24 да игра во Третата лига-исток и не се посрамоти. Стана есенски,првак, со шест победи, две нерешени средби, ниту еден пораз. Во  лигата играат поранешни членови на Првата и Втората лига на Македонија. Тоа се Овче Поле /Свети Николе/, Д.Езеро, Слога /Виница/, Тиверија /Струмица/, Малеш /Берово/, Ударник /Пирава/, Рудар /Пробиштип/ и Карбинци. Од лигата порано се откажа Победа од  Валандово, а пред стартот Брегалница /Делчево/.

Сега дуваат оптимистички ветрови во Богданци, навивачите се вратија на трибините, во мислите е веќе  баражот за пласман во  Втората лига, се размислува и за засилувања за пролетната сезона за да се сочува првото место. Претседателот на клубот, кој е инаку и тренер на екипата Бојан Каракамишев, кој порано играше за Силекс, Миравци,Тиквеш и Кожув е задоволен од  постигнатите резултати во есенската сезона, но и свесен дека сега претстои она најтешкото, да се одбрани есенската титула.

„Верувам дека ќе успееме, очекувам финансиска помош од општината, многу поединци сакаат да помогнат, цело Богданци е на нозе, се врати љубовта кон фудбалот што ме радува, ни рече Каракамишев.

На крајот, редно е да ги спомнеме и сегашните фудбалери на Вардарски кои ја освоија титулата, есенски прваци на Третата лига-исток. Александар Ѓокиќ, Кирил Кокалански, Ѓеорге Карамитров, Владо Панов, Мирче Попов, Адам Стојанов, Благој Дуганов, Стојанче Наков, Илија Баламов, Трајче Бошков, Димитар Пеев, Григор Карапуцев, Валентин Михајловски, Стефан Балиски, Славе Танов, Александар Миовски и Мартин Крлевски.

М.Мицковиќ

Се вчитува...