Пешевски: Не сме без шанси, Германците не се велесила како што е Франција

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Ракометарите во текот на вчерашниот ден со воз од Дизелдорф допатуваа во Берлин, а денеска ќе го имаат и првиот тренинг во „Мерцедес Бенц Арена“, каде в недела ќе излезат на мегдан со селекцијата на Германија.

Жарко Пешевски одигра одлично на премиерниот дуел против Франција, со седум гола искусниот пивот беше прв стрелец на нашиот национален состав против актуелниот олимписки шампион.

„Ние сме во супертешка група каде што нема слаб противник. Секако, Германците не се велесила како што е Франција. Имаме неколку дена пауза за да се подготвиме, верувам дека не сме без шанси на овој натпревар. Треба да одиграме најдобро што знаеме, да испочитуваме се што ќе договориме како тактика, па ќе видиме каков резултат тоа би ни донело против домаќинот на овој шампиона“, истакна Пешевски.

Големиот борец на линијата од шест метри се осврна и на дуелот со Франција што нашиот национален тим го загуби со 29-39.

„Знаевме колку е силна и супериорна Франција, го покажаа тоа и во 60-те минути против нас. Ние имавме одлично прво полувреме, потоа следеше мал пад, но мислам дека не се посрамотивме. Се држевме до планот, до договореното, одигравме колку што можевме против ривал што реално е меѓу најсилните во Европа и светот, во секој случај оваа партија ќе ни биде мотив за уште подобри изданија до крајот на шампионатот“, порача Пешевски.

Се вчитува...