ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Германската јавност со респект гледа на македонскиот национален тим во пресрет на денешниот дуел меѓу двете ракометни селекции што ќе се игра во 20.30 часот во „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин.
Меѓу оние кои дадоа своја прогноза во пресрет на мечот е и поранешниот германски репрезентативец Кристијан Дисингер, за нас познат од времето минато како член на генерацијата што ја освои втората титула во ЛШ со Вардар. Германецот воедно е и македонски зет, пред неколку години се венчаше со Марија Андоновска,па со самото тоа се најде во фокусот на ракометната јавност во татковината.
„Секако, Македонија е послаба репрезентација од германската, но никогаш не е лесно да се игра против Македонците. Ќе биде потешко отколку против Швајцарија, тоа е сигурно, Македонија има голем број на млади ракоемтари кои немаат што да загубат. Германија од друга страна, поради домашниот терен е под притисок да прикаже добра игра. Верувам дека ќе победи, но нема да биде така убедлив како во првиот дуел со Швајцарија. Сметам дека имаме состав што може да стигне до полуфиналето, но мора да се биде внимателен. Во многу нешто ќе зависи од дуелот со Франција, но и во втората фаза ќе има низа тешки натпревари, системот на натпреварување е така поставен да немате право за грешка, еден пораз може скапо да ве чини“, истакна Дисингер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА