Гисласон: Лазаров добро ги има научено Македонците

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Германскиот селектор Алфред Гисласон со многу респект говореше за македонската репрезентација пред вечерашниот дуел меѓу овие две национални селекции (20.30 часот, „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин.

Германија го отвори шампионатот со импресивна победа од 27-14 над Швајцарија, а Гисласон не крие дека очекува сличен пристап од своите ракометари и на вечерашниот дуел со Македонија. Според него, максимално ангажирање е единствениот начин за да се стигне до позитивен резултат.

„Искрено, не сакам да дојдам во ситуација да се нервирам околу конечниот исход и тоа им го кажав на ракометрите. Мораме да стартуваме добро, да наметнеме наш ритам на игра и со тоа да стигнеме до посакуваниот резултат. Противникот не е наивен, Македонија има млада и технички многу добра селекција, тоа е репрезентација која секогаш играш со многу емоција на големите натпреварувања. Против Франција константно менуваа три различни системи во одбраната, ќе треба да се снајдеме против таквата тактика. Можам да кажам дека Лазаров ги има добро научено своите млади ракометари“, изјави Гисласон.

Се вчитува...