Безмалку сите најголеми светски медиуми сметаат дека е нарушен кредибилитетот на ФИФА и светскиот фудбал, по синоќешниот избор на Лионел Меси за најдобар фудбалер на 2023 година.
Огромен револт во светската фудбалска јавност наиде изборот на Меси кој две години по ред ја добива наградата и покрај тоа што во 2023 имаше смешни настапи, со несакана епизода во ПСЖ и еден освоен Лига куп со Интер Мајами во САД. Наспроти Ерлинг Халанд, кој ги освои речиси сите трофеи кои можеа да се освојат, триумфира во Премиерлигата, во Лигата на шампионите, во ФА купот, и на Светското клупско првенство.
Токму поради сето ова, светските медиуми едногласно го прогласија изборот на Меси како „Скандал без преседан“.
Шпанскиот спортски весник „Ас“ обвини за кражба, англиските медиуми едногласно потенцираат дека ова е срам за ФИФА и светскиот фудбал, а сличен е ставот и на француски „Л’Екип“.
И шпанската „Марка“ смета дека изборот е скандалозен бидејќи ФИФА пропуштила попрецизно да им објасни на гласачите (селектори и капитени на репрезентации, новинари и навивачи) кој период треба да се земе предвид кога се гласа, односно не е нагласено дека Светското првенство во Катар на кое победи Аргентина не се зема во предвид.
Периодот кој се зема во предвид при одлуката за избор на најдобрите е од 20. декември 2022 година, односно еден ден по крајот на Светското првенств во Катар, до 23. август 2023 година. А, за тој период Ерлинг Халанд имаше далеку поголеми достигнувања од оние на Меси. Но, ете, поголемиот дел од капитените и селекторите на светските селекции се одлучија да дадат гласови за Меси.
Македонскиот селектор Боби Милевски како и капитенот на репрезентацијата Енис Барди, својот глас за најдобар во 2023 година го дадоа за напаѓачот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд.
За ФИФА уште еден поразителен податок е тоа што на свечената церемонија која се одржа во Лондон не се појави ниту еден од тројцата главни кандидати за наградата, Лионел Меси, Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

