Ива Пројковска ја отвора новата година на меѓународната сцена

Интернационалката Ива Пројковска, најдобар фудбалски судија во женска конкуренција во Македонија, која се наоѓа во група на 20 елитни европски судии, на 18. јануари во Чешка, ќе ја отвори новата година на меѓународата сцена. Заедно со своите помошнички, Вјолца Изеири и Аљоха Фернандез Руис од Андора и Ирена Велевачкоска, како четврти судија, ќе го суди последниот меч од групната фаза во Б групата во Лигата на европските шампиони меѓу Славија од Прага и Сенкт Полтен од Австрија. Како што е познато, овој натпревар требаше да се одигра во Прага на 21 декември, но УЕФА го одложи поради масакарот што се случи истиот ден во центарот на овој град кога еден студент усмрти повеќе лица, а потоа изврши самоубиство.

Кога е во прашање Пројковска, да спомнеме дека доби уште едно големо признание од Судиската комисија на УЕФА бидејки е префрлена во втората група на европски судии и може во иднина да суди и на натпреватри во машка конкуренција и на младинци и на сениори. Тоа значи дека може да суди натпревари во квалификациите за европските првенства и европските лиги како и Ставрев, кој е во првата група на судии, а Стојчевски и Качевски во втората.

Интересен е уште еден податок за меѓународните судии од Македонија што ни го приложи на увид членот на судискиот одбор на ФФМ Марјан Ристевски, поранешен сојузен судија. Според точна евиденција што ја водел, во измината година судиите Ставрев, И. Стојчевски и Качевски, футсал судиите Бартон, Младеновски и Ристовски, како и Пројковска и Велевачкоска на меѓународната сцена отсуделе 286 натпревари. Тоа е навистина завидна бројка која говори дека македонските интернационални судии се почитувани од страна на судиската комисија на УЕФА.
М.М

Се вчитува...