Наградениот документарен филм за најголемото име на македонскиот фудбал Дарко Панчев – „Патот на Кобра до ѕвездите“ конечно и пред македонската јавност. Утре вечер (18. јануари) од 21:05 часот на ТВ Спортклуб 1 документарецот „Патот на Кобра до ѕвездите“ со своја премиера и за Македонија.
Македонската јавност конечно ќе може да го проследи едночасовниот документарец за македонскиот фудбалер на векот кој минатата година беше прогласен и за најдобар филм за личност во спортот на 12. Меѓународен фестивал на спортскиот филм кој се одржа на Златибор, Србија.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер во светот, прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.
„Прекарот Кобра за Дарко Панчев се однесува исклучиво на фудбалот, затоа што во играта се истакнуваше со недостижна брзина која носеше неповторливи голови. Тој во реалниот живот, надвор од фудбалската магија, е единица мерка за приврзаност и пријателство, прво во семејството, а и секаде каде животот го носи, како плима на човечката добрина. Затоа го препорачуваме овој филм и како лек против актуелната стварност, во која има сериозен недостаток на основни човечки вредности“ – велат реализаторите на документарниот филм за Дарко Панчев.

Документарниот филм за Дарко Панчев, кој е филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт, е соорганизација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортнетворк продукција и македонското Спортско радио 90,3. Автор на филмот е Александар Станковиќ, а продуцент Радован Максимовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

