Чави: Самиот ќе се спакувам ако играчите веќе не веруваат во мене

Се поголем е притисокот врз Чави откако овој стратег се покажа како недораснат ривал на Карло Анчелоти сезонава во трката за трофеи на шпанската фудбалска сцена. Последниот пораз од 4-1 во Суперкупот на Шпанија само го зголеми незадоволството меѓу навивачите на Барса од работата на Чави, со што расте и притисокот врз претседателот Лапорта да му врачи отказ на поранешниот капитен.

Токму сентименталноста поради играчката големина на Чави и трагата во Барса е причината поради која тој се уште е шеф на стручниот штаб, иако и на самиот тренер му е јасно дека мора што поскоро да ги сврти работите во своја полза ако сакада остане на клупата. Сепак, Чави гласно демантира дека слабите резултати се одраз на фактот дека фудбалерите веќе не ја прифаќаат неговата филозофија.

„Го сакам овој клуб, тоа е повеќеод јасно. Дојдов за да донесам нешто ново, ако не успеам, ќе си заминам. Јасно ми е, ако лани не ја освоев Ла Лига, сега немаше да бидам овде. Ако играчите еден ден престанат да веруваат во мене и во она што го работам, самиот ќе се спакувам и ќе си заминам. Ако некој од управата ми рече дека јас сум проблемот, сам ќе си поднесам оставка“, изјави Чави.

Тој потсети дека неговото доаѓање на чело на Барселона беше во периодот на најголема криза на кталонскиот гигант.

„Кога сопствениците ме потпишаа од Катар, ми рекоа дека треба да дојдам да помогнам, бидејќи тоа беше еден од најтешките периоди во клупската историја. Дека сме во процес на промени… јас дојдов и успеавме да стигнеме до титулата ланската сезона. Сезонава не оди најдобро, но смирен сум. Имаме уште три трофеи за кои се бориме, многу поблиску сме до успех отколку до фијаско, без оглед на тоа како изгледа работата во моментов“, порача тренерот на Барса.

Се вчитува...