Првиот човек на судиската организација во Премиер-лигата, Хауард Веб, призна дека Ливерпул бил драстично оштетен на дербито со Арсенал поради недосудениот пенал по играњето со рака на Мартин Едегард во сопствениот шеснаесетник.
Едегард со раширена рака играше со топката, првичното соопштение на судиската организација беше во најмала рака смешно – тврдејќи дека тој паѓал и немал контрола, но Веб јавно ја призна грешката на арбитрите.
„Пеналот за Ливерпул против Арсенал, тоа е еден од случаите кога не ја донесовме вистинската одлука. Фудбалерот ја движи раката кон топката, со тоа се здобива со предност кога ја контролира. Очекувано е да се досуди пенал“, изјави Веб.
Ливерпул претходно беше оштетен и на дербито со Тотенхем, кога Дијаз постигна чист гол што беше поништен за непостоечки офсајд, што ВАР-судиите не го поништија иако беше и повеќе од очигледно дека не станува збор занедозволена ситуација.
Клоп оправдано е видно разочаран од арбитражата на натпреварите на „црвените“, па Германецот даде коментар по дербито со Арсенал токму за грешката што денеска ја призна Хауард Веб.
„Пеналот за нас е навистина чудна ситуација. Сигурно ќе се јават со соопштение или некој ќе ме повика и ќе ми објасни зошто тоа играње со рака не е пенал, но не знам што можат да измислат сега. Не велам дека главниот судија може да види во дадениот момент, но кога некој седи во канцеларија, го гледа тоа десет пати, и на крајот решава да не го повика судијата за даја види целата ситуација на монитор, тоа е неразбирливо за мене“, изјави Клоп минатиот месец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА