Жозе Мурињо повеќе не е тренер на Рома, навивачите се бесни и вината ја посочуваат кон сопствениците на клубот, но американските газди цврсто стојат зад одлуката да му врачат отказ на „специјалниот“ и на негово место да го доведат Даниеле де Роси.
Весникот „Ла Република“ повикувајќи се на извори од највисокото раководство на Рома тврди дека причина за отказот на Мурињо не биле слабите игри и резултати, туку односот и серијата инциденти кои Португалецот ги правеше во изминатата година. Првиот „аларм“ бил запален по поразот од Севилја во финалето на Лигата на Европа, кога Мурињо на паркингот на стадионот го нападна судијата Тејлор.
Тој беше санкциониран од УЕФА, но и предупреден од газдите дека таквото однесување нема да биде толерирано. Жозе продолжи во свој стил, доби неколку црвени картони од почетокот на новата сезона, што надополнето со слабите резултати придонесе неговата клупа да почне да се тресе. Според „Република“, дел од играчите исто така се жалеле од односот на тренерот кај газдата Рајан Фридкин, што на крајот пресудило Рома да го загуби трпението со Мурињо и на „специјалниот“ да му биде врачен отказ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА