Она што долго време се најавуваше, денеска се реализираше. Поранешниот репрезентативец Дејан Манасков е нов член на шампионот Еурофарм Пелистер.
Битолчани се пофалија со искусното крило, кое играше во Металург и Вардар, а има и богата интернационална кариера играјќи за Вецлар, Рајн Некар Левен и Веспрем.
„ Неговото презиме предизвикува емоција кај армијата наши навивачи. Манасков пак ќе постигнува голови во дресот на Пелистер! Задоволство ни е што по децении и децении уште еден Манасков е наш член.
Дејан Манасков е нов член на Еурофарм Пелистер и од денес им се става на располагање на новите соиграчи и членовите на стручниот штаб. Левото крило со богата интернационална кариера целосно се вклопува во мозаикот на тим сочинуван од најдобрите македонски ракометари и елитни странци. 31-годишниот Манасков поникна во Металург, ги носеше дресовите на Вецлар, Рајн Некар Левен, Веспрем и Вардар 1961, а со македонската репрезентација беше дел од сите успеси во последната една деценија.
Дејан Манасков беше првак на Македонија и Унгарија, неколку пати играше на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн во дресот на Веспрем, ја освојуваше СЕХА лигата, а во својата витрина има многу индивидуални признанија.
Манасков првиот тренинг со новите соиграчи ќе го има утре, а првиот официјален натпревар е предвиден на почетокот на плеј-офот во февруари.“, стои во објавата на Еурофарм Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА