Зимската пауза за македонските кошаркарски прволигаши заврши и најелитното натпреварување денеска се враќа во етерот со четири натпревари од 14. коло кои ќе бидат одиграни во Скопје и Кавадарци.
Првиот од нив започнува уште од 13 часот во СРЦ „Кале“ каде ТФТ во фаворизирана улога го пречекува повратникот во првенството Вардар, а на ова место ќе биде одиграна и средбата од 18 часот помеѓу Работнички и Чаир 2030 на која „црвено-белите“ ќе бараат одмазда за поразот во неизвесната завршница во „Шабан Трстена“ во првиот дел од сезоната.
Најинтересниот натпревар за денот сепак ќе биде одигран во СЦ „Јане Сандански“ каде од 18 часот во репризата на минатогодишното финале силите ќе си ги одмерат МЗТ Скопје и Пелистер. Битолчани слеавеа во првата меѓусебна средба на домашно тло оваа сезона, но за разлика од тој натпревар во кој аеродромци се мачеа со повреди, сега работите се променети, а и ќе биде интересно да видиме како ќе се поклопат новите странци во вицешампионските редови.
Од 18 часот не очекува и средбата во „Јасмин“ помеѓу Еуро Никел и Гостивар. Дуелите на овие два тима ретко кога разочаруваат, а и покрај тоа што овој пат на средбата „сино-белите“ тимови влегуваат со различен впечаток во првиот дел од сезоната ќе биде интересно да видиме како ќе се одрази тренерската промена кај гостиварци.
Колото ќе биде комплетирано во недела со средбите помеѓу Охрид и Кожув во „Билјанини Извори“ од 18 часот, односно Феникс 2010 и Академија ФМП во СЦ „Јане Сандански“ од 20:00.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА