Големо е разочарувањето во таборот на Баерн Минхен откако германскиот првак денеска загуби на домашен терен од Вердер со 0-1, сериозен удар во трката за титулата во Бундес-лигата.
Тренерот Томас Тухел вината за поразот ја префрли врз фудбалерите, поради погрешниот пристап што го покажале во текот на натпреварот.
„Не сакам ни да кажам дека добро трениравме во овој период, бидејќи ионака никој нема да ми верува. Ќе треба да ги прашаме фудбалерите што се случи, повеќе од 70 минути немав чувство дека играме за да победиме. Жар покажавме дури во последните 20 минути, што не беше доволно, лесно ја губевме топката, остававме простор зад себе. Тоа е реалноста, не заслуживме да го победиме Вердер. Се однесувавме како тим што има десет бода предност на табелата и што за три дена треба да игра во ЛШ, тоа е недозволиво“, критичен беше Тухел кон својата екипа.
Томас Милер влезе во игра по примениот гол, но ниту ветеранот не успеа да помогне да биде избегнат овој сензационален пораз.
„Секој од нас треба да се погледне во огледало. Против Хофенхајм излеговме на терен со поголема решителност, стигнувавме до топката на противничката половина. Тоа е начинот на кој треба да играме, а не да си довикуваме на теренот. Треба да сме искрени, денеска не заслуживме да го добиеме натпреварот“, изјави ветеранот во таборот на Баерн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

