Охрид покажува знаци на живот во трката за опстанок откако охриѓани вечерва по голема борба триумфираа над Кожув со 74-72, израмнувајќи се со тимот од Гевгелија со идентичен скор од три победи и 11 порази во првите 14 рунди од елитнто друштво. За Охрид ова беше втор триумф во последните три кола, додека Кожув го претрпе и четвртиот пораз во низа, за продлабочување на резултатската криза на „црвено-белите“ од Гевгелија.
Денешниот дуел мина во израмнета битка во која охриѓани повеќе ја имаа предноста, но гостите не дозволуваа домашните кошаркари посериозно да се одлепат. На одмор се замина со предност на Охрид од 36-31, но Кожув беше подобар во третиот период, вртејќи го резултатот во своја полза за предност од 48-50 во пресрет на последните десет минути од мечот. Во нив подобри беа домашните кошаркари, кои беа и помирни во самата завршница. Кожув имаше напад за израмнување при 71-69 по кој гостите се обидоа да решат со тројка и промашија, по што Охрид рутински реализираше под кошот на спротивната страна за 73-69. Караџовски постигна тројка за Кожув, но тоа веќе беше предоцна за да се направи пресврт, па Охрид сосема заслужено се радуваше на победата на овој натпревар.
Андерсон и Димовски со по 16 поени беа најефикасни во победничкиот состав, додека искусниот Караџовски со 21 поен беше прв стрелец на Кожув во вечерашниот пораз, пред Артисон со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА