Барселона остана во игра во трката за највисок пласман во Ла Лига откако каталонскиот гигант по голема борба славеше со 2-4 на гостувањето против Бетис. „Зелено-белите“ беа без пораз на домашен терен сезонава, но вечерва беа надиграни од каталонците, кои заслужено стигнаа до цел плен благодарение на Феран Торес, кој постигна хет-трик на својот јубилеен 100. меч во дресот на Барселона. Воедно, ова беше првпат по пауза од четири месеци Барса да победи на еден меч од Ла Лига со повеќе од еден гол разлика.
Торес беше во главна улога во првото полувреме отворајќи го резултатот за 0-1, а потоа и учествувајќи и во акцијата за голот на Левандовски што беше поништен поради минимален офсајд. Вториот дел почна со нов гол на Феран Торес, кој мајсторски реагираше по одбиената топка откако ударот на Јамал заврши во дирекот.
Се чинеше дека Барселона е во целосна контрола, но тогаш на сцена стапи Иско, кој за три минути постигна два гола, израмнувајќи на 2-2 за шок на Чави и неговите избраници. Тренерот на Барса изненади повлекувајќи го од игра Левандовски при 2-2, Барса креираше шанси, на крајот зааслужено славејќи со головите постигнати во самиот финиш.
Жоао Феликс, кој влезе во завршницата беше херој постигнувајќи го подокот за 2-3 со прекрасен удар со надворешниот дел од копачката, пред Феран Торес да го комплетира хет-трикот со мајсторски реализираниот контранапад за конечните 2-4 на овој супердраматичен натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

