Вечното кошаркарско дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички закажано за следното коло ќе се игра во салата во скопска Кисела Вода, откако во последните неколку седмици двата клуба не успеаја да постигнат компромис околу времето на одигрување, кое требаше да биде променето за да се игра во „Јане Сандански“ поради зафатеност на оваа спортска арена во наредниот период.
Навивачите на Работнички се бесни бидејќи следното дерби ќе се игра во сала со само една трибина, но од раководството на МЗТ Скопје преку соопштенија испратија порака до „центарци“ – вината да ја бараат во сопствената управа која не покажала слух за да одговори на нивните барања за изнаоѓање компромис.
Соопштението од управата на МЗТ Скопје го пренесуваме во целост:
„Немавме намера да го пишуваме ова соопштение, но сепак како најголем и најтрофеен кошаркарски спортски колектив во Македонија почувствувавме доза на одговорност кон сите оние кои нè следат, било тоа да е на нашите натпревари, било да е преку социјалните мрежи и тоа на крајот на денот сеедно на кој табор припаѓаат.
Претпоставувате дека темата ќе биде вечното дерби помеѓу нашата и екипата на КК Работнички, но ќе се потрудиме ова да не прерасне во војна со соопштенија туку единствено да го пренесеме нашето гледиште и став за кој веруваме дека е исправен.
Велат дека сликата зборува повеќе од 1.000 зборови и затоа се решивме во прилог да објавиме неколку, чисто како би замениле тирада од оправданија, објаснувања и препукувања кои суптилно се провлекуваат низ минатиот период. Како и во поголемиот дел од случаите кога се работело за слична проблематика фактите се на плаво-белата страна на градот, а како на теренот така и тука би сакале да поентираме единствено преку неколку реченици:
– Беше понудена опција за замена на датумите како би можело дербито да се игра пред домашни, но и со присуство на гостински навивачи но истото беше одбиено.
– Како и секогаш настојувавме да најдеме решение во интерес на кошарката, но и навивачите на двете екипи но на нашите повици не беше одговорено.
– На Кале се тие домаќини, а формално ние сме сега домаќини и не би сакале нашето домаќинство да биде на теренот на ривалот.
– Како клуб со традиција никогаш не сме се криеле и јавно, јасно и транспарентно сме ги носеле одлуките кои биле во согласност со спортскиот, но исто така и интересот на нашите навивачи и симпатизери така што одлуката да се игра во Кисела Вода беше донесена врз основа на неодговорените и негативните пораки до управата на КК Работнички за изнаоѓање на решение кое би било и во нивен интерес.
Затоа, сите т.н. навивачи на КК Работнички би требало одговорите на прашањата, како и својот дигитален бес да го насочат единствено кон нивната управа. Дали тој бес ќе прерасне во нов јавен стриптиз и чувството на нелагодност од паркетот ќе се префрли и во канцеларијата на нашите противници нас воопшто не нè интересира. Сепак, добро е да се знае дека и покрај сите непријатности со кои се соочивме при организацијата на дербито отворени сме за повик од другата страна.
Во четврток нека победи подобриот, нека победи МЗТ Скопје“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА