Голден Стејт лесно и убедливо ја совлада Атланта со 134-112 во првиот домашен меч што „воините“ го одиграа по големата трагедија – смртта на помошниот тренер Дејан Милојевиќ кој почина по срцевиот удар што го имаше при тимската вечера во Солт Лејк Сити. Очекувано, се на овој меч беше во знакот на големиот човек и тренер, кошаркарите на Голден Стејт истрчаа на загревањесо дресови на кои стоеше „Милојевиќ“ на грбот, пред мечот беше интонирана српската химна, а дел од кошаркарите не можеа да ги запрат солзите за време на говорот што во арената го одржа тренерот Стив Кер.
„Светот загуби прекрасна душа минатата седмица. Деки беше голем пријател, извонреден кошаркарски тренер, голем човек и што е најважно – извонреден вник, син, сопруг и татко. Сликите кои останаа зад него говорат каков човек беше тој, се што правеше, тој го правеше со насмевка и уживање. Тој засекогаш ќе остане присутен во нас, како дел од нашата душа. Затоа, би сакал вечерва наместо минута молк, сите заедно да му испратиме на Деки овации кои ќе може да ги слушне од небото“, изјави Стив Кер.

Резултатот не беше во преден план, но Голден Стејт рутински славеше со 22 поени разлика, предводен од Кари и од Каминга кои постигнаа по 25 поени.
Далас се наоѓа во резултатска криза, маверикс го претрпеа третиот пораз во низа (четврти на последните пет средби) откако на домашен терен беа демолирани од Феникс со 109-132. Дончиќ беше најдобар во домашниот тим со 34 поени, осум скока и 9 асистенции, но овој дуел мина во знакот на Букер, кој беше незапирлив постигнувајќи 46 поени за Феникс.
Резултати НБА:
Детроит – Шарлот 113-106, Вашингтон – Минесота 107-118, Мајами – Мемфис 96-105, Хјустон – Портланд 131-137 (по прод.), Милвоки – Кливленд 126-116, Далас – Феникс 109-132, Сан Антонио – Оклахома Сити 114-140, Голден Стејт – Атланта 134-112.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

