Младинскиот репрезентативец на Македонија и досегашен член на Шкендија, Методи Максимов денеска го очекува и официјалната промоција во дресот на австрискиот бундеслигаш ЛАСК Линц.
21-годишниот Максимов по потпишаниот договор до јуни 2028 година со ЛАСК, кој е еден од најдобрите австриски клубови, денеска треба официјално да биде промовиран во австрискиот клуб. Но, веќе е постигнат договор најпрво една година да мине на позајмица од ЛАСК во норвешки Алесунд.
Двата клуба официјално се договорија до јануари 2025 година, македонскиот фудбалер да игра на позајмица во норвешкиот второлигаш Алесунд. Максимов деновиве ги почнува и подготовките со Алесунд за новата сезона во Норвешка која почнува на 1. април.
Максимов, кој игра на крилните позиции во офанзивата, има одлична година зад себе во дресот на Шкендија каде пристигна во јануари 2023 година од редовите на Работнички. Една од најголемите фудбалски надежи на Македонија претходно настапуваше и за младинските категории на Брегалница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

