Максимов официјално промовиран во ЛАСК, па веднаш продолжува на позајмица во Алесунд (ФОТО)

Младинскиот репрезентативец на Македонија и досегашен член на Шкендија, Методи Максимов и официјално промовиран во дресот на австрискиот бундеслигаш ЛАСК Линц.

21-годишниот Максимов потпиша договор со ЛАСК, кој е еден од најдобрите австриски клубови, за соработка до јуни 2028 година. Но, веќе е постигнат договор најпрво една година да мине на позајмица од ЛАСК во норвешки Алесунд.

Двата клуба официјално се договорија до јануари 2025 година, македонскиот фудбалер да игра на позајмица во норвешкиот второлигаш Алесунд.

Максимов деновиве ги почнува и подготовките со Алесунд за новата сезона во Норвешка која почнува на 1. април.

Методи Максимов со својот менаџер Никола Ѓошевски

„Со ангажманот на Максимов добиваме исклучително возбудлив играч кој одлично се вклопува во нашиот профил. Задоволни сме што успеавме да потпишеме долгорочен договор. Нам ни е исто така важно што тој сега добива можност во следната година да добие повеќе натпревари во Алесунд за да се развива соодветно“ – истакна на промоцијата на Максимов, спортскиот директор на ЛАСК, Радован Вујановиќ.

Максимов, кој игра на крилните позиции во офанзивата, има одлична година зад себе во дресот на Шкендија каде пристигна во јануари 2023 година од редовите на Работнички. Една од најголемите фудбалски надежи на Македонија претходно настапуваше и за младинските категории на Брегалница.

Се вчитува...