Драма во Битола: Пелистер се врати од „минус 15“, но Еуро Никел победи по продолжение

Еуро Никел покажа зошто е најпријатно изненадување сезонава во Првата лига, откако кавадарчани на гостински терен го изненадија вицешампионот Пелистер, триумфирајќи по продолжение со 81-83. Гостите имаа предност цел натпревар, „пелистерци“ се вратија од „минус 15“ и се изборија за продолжение, но на крајот Еуро Никел беше тимот што се радуваше, по поените на Врањеш по една сомнителна судиска одлука.

„Пелистерци“ се надеваа на нов дерби триумф откако во минатото коло го совладаа МЗТ Скопје, но без помошта на повредениот Маслинко не успеаја да влезат во посакуваниот ритам, иако во тимот се врати Лука Стојановски, а дебитираа и двете најнови американски засилувања. Еуро Никел беше подобар ривал во првото полувреме и го контролираше резултатот, Пелистер се врати благодарение на добрата одбрана, но поради очајниот шут на домаќините (1/14 за тројка во првиот дел) на одмор се замина со водство на гостинскиот состав од 33-35.

Битолчани се надеваа на пресврт во вториот дел, но но наместо тоа можеше да се проследи шутерско шоу на Еуро Никел предводен од Американецот Смит Мекоувен, кој погоди три тројки од исто толку обиди, а гостите стигнаа и до убедливи „плус 15“. Пелистер покажа карактер, се врати и благодарение на Мијовиќ и Магдевски и нивните поени во последната минута се избори за продолжение. И во дополнителните пет минути се водеше израмнета борба, но на крајот ја пресуди судиската одлука на десетина секунди до крајот. Еуро Никел имаше напад при водство на Пелистер од еден поен, постоеше очигледен фаул во напад што судиите не го санкционираа, за две секунди подоцна да досудат оправдано фаул и кош над Врањеш, со што Еуро Никел стигна до победата. Пелистер имаше и последен напад за триумф, но ударот за тројка на Костоски беше непрецизен, за големо разочарување на домашните навивачи и кошаркари.

Дубински со 22 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, Врањеш постигна 18 иако имаше 0/7 за тројка (10/11 од слободни фрлања), додека најдобри поединци кај Пелистер беа Планиниќ со 25 поени и 10 скокови и Мијовиќ со 18 постигнати поени.

Се вчитува...