Трендот на преселби во Саудиска Арабија на фудбалери кои се блиску до залезот на кариерите продолжува и зимава, откако Иван Ракитиќ ја прифатил понудата од оваа земја и во следните 48 часа и официјално ќе биде претставен во новиот клуб.
Ал Шабаб е тимот чии бои ќе ги брани хрватскиот ветеран во следните 18 месеци, откако челниците на овој амбициозен клуб постигнаа договор со асот на Севилја. Тој ги одработуваше последните шест месеци од договорот со шпанскиот клуб и реши да прифати преселба „на исток“, финансиските детали не се обелоденуваат во јавноста, но се шпекулира дека тој ќе зема најмалку три пати повисока плата од оние три милиони евра по сезона што ги имаше во Севилја.
Шпанците пак ќе добијат неколку милиони евра за играч што летоска ќе беше слободен играч, а воедно и ќе заштедат на платат на Хрватот, кој важеше за еден од најплатените фудбалери во Севилја.
Како што јавуваат шпанските медиуми, Ракитиќ веќе се поздравил со дел од вработените во клубот соопштувајќи им ја својата одлука, а се најавува дека Хрватот утре ќе замине за Саудиска Арабија, каде по лекарските прегледи ќе следи и потпис на договорот со Ал Шабаб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

