Данил Медведев уште долго ќе го памети вчерашниот пораз од Јаник Синер, кој можеше да му ја донесе на Русинот првата титула на Австралија Опен во кариерата. Русинот почна извонредно, водеше со 2-0 во сетови, но потоа следеше огромен пад во неговата игра што италијанскиот тенисер го искористи за неверојатен пресврт и конечна победа.
Наместо меч за паметење и големо славје, Медведев испиша неколку неславни рекорди што ќе го следат поврзани со овогодинешното издание на Австралија Опен.
Тој стана првиот тенисер од „модерната ера“ што загубил две финалиња на гранслем турнирот во Мелбурн откако имал предност од 2-0 во сетови. Првото го загуби пред две години од Рафаел Надал, второто вчера од Јаник Синер.
Второ, Медведев го урна рекордот за најдолго време минато на теренот на еден гранслем турнир во 21. век. Тој играше 24 часа и 17 минути на Австралија Опен, уривајќи го досегашниот рекорд на Карлос Алкараз од 23 часа и 39 минути на УС Опен во 2022 година.
Медведев има и најлош процент на победи во финалињата на гранслем турнирите, само 16,7% (една победа на шест финалиња). Во пресрет на вчерашниот меч тој беше израмнет со Енди Родик (1/5), за дополнително да го влоши сопствениот процент на успешност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

