Вокер: Поради вонбрачното бебе сакав да побегнам во Баерн Минхен

Кајл Вокер важи за еден од најстандардните дефанзивци на Манчестер Сити во ерата под водство на Пеп Гвардиола, па затоа големо беше изненадувањето откако десниот бек минатото лето долго време инсистираше да добие зелено светло за преселба во Баерн Минхен. Тој ги имаше договорено и личните услови, на крајот се премисли и потпиша нов договор со Манчестер Сити, а во интервјуто за таблоидот „Сан“ Вокер говореше искрено за околностите поради кои инсистирал на трансфер.

Имено, тој сакал што поскоро да си замине не само од Манчестер, туку и целосно од Англија поради притисокот на јавноста и таблоидите, откако беше обелоденето дека повторно ја затруднел инфлуенсерката Лорин Гудман. Тој веќе имаше едно дете со Гудман, од периодот кога бракот со сопругата Ени Килнер му беше ставен „на пауза“. Сепак, Килнер останала шокирана кога слушнала дека Гудман повторно е бремена од Вокер, по што го исфрлила фудбалерот од заедничката куќа.

„Сакав да побегнам, тоа беше причината. Па никој нормален не би сакал да си замине од Манчестер Сити, најдобриот клуб во Европа, каде игра стандардно. Јас не бегав од Сити, туку бегав од Англија, од медиумите… Знаев дека часовникот отчукува, дека се ќе се дознае и не сакав да бидам овде кога тоа ќе се случи. На крајот, сепак решив да останам. Клучни беа децата што ги имам со Ени. Ќе играв за Баерн, ќе живеев во Минхен, но немаше да си ги гледам децата. Вака, се уште чувствувам болка, но барем можам да одам дома, да ги одведам на училиште, да го носам синот на тренинг на фудбал. Благодарен сум им на многу луѓе за поддршката што ја добивам, најмногу на Пеп Гвардиола. Не му кажував ништо за да не мисли дека сум емоционално нестабилен, дека не можам да се фокусирам на фудбалот. Кога конечно дозна, целосно застана зад мене и јас сум му бескрајно благодарен“, изјави Вокер.

Се вчитува...