Мареј: Знам дека играм очајно, но немам намера да одам во пензија

Енди Мареј гласно порача дека нема намера да се повлече и да стави крај на богатата тениска кариера без оглед на катастрофалната форма во која се наоѓа поранешниот светски рекет број 1.

Британецот последната победа на турнирите ја забележа во октомври, сезонава ја почна со слаби настапи, а откако во првото коло од Австралија Опен загуби од Беноа Пер веднаш се појавија најави дека Мареј на 36-годишна возраст би можел во блиска иднина да му каже збогум на тенисот.

„Читам коментари како со слабите игри сум го упропастувал она што сум требал да го оставам како наследство за помладите… Какви глупости Боже мој… Признавам една работам, знам дека играм очајно, дека сум далеку од формата што ја посакувам, но исто така се познавам себе си и знам дека можам да бидам на далеку повисоко ниво кога сум на теренот. Свесен сум дека многумина би се повлекле, би рекле збогум и би заминале во пензија, но мојот мозок работи различно, јас ќе продолжам да се борам и знам дека ќе почнам да играм на нивото за кое сум способен“, изјави Мареј, кој моментно се наоѓа на 49. место на АТП-листата.

Британскиот тенисер успеа да се врати на терените по тешките повреди и операциите на колкот, но не успеа да влезе во посакуваниот ритам во последно време. Откако лани играше во финалето во Катар и загуби од Данил Медведев, Мареј нема победено повеќе од два меча на ниту еден од турнирите на кои учествуваше.

Се вчитува...