„Земјотрес“ во Формула 1: Хамилтон е пред потпис со Ферари!

Луис Хамилтон е на добар пат да предизвика „земјотрес“ во светот на Формула 1, откако британскиот возач влезе во завршна фаза од преговорите за преселба во Ферари. Овој трансфер би се реализирал на почетокот од 2025 година, но челниците на Ферари настојуваат договорот да биде потпишан пред стартот на оваа сезона, за да не дојде до пресврт во месеците што следат.

Хамилтон потпиша нов договор со Мерцедес со важност до крајот на 2025 година, но во него има клаузула што му овозможува на седумкратниот светски првак да си замине на крајот од оваа сезона. Извори блиски до британскиот возач тврдат дека тој е разочаран од недоволниот напредок на болидот на Мерцедес, што ќе значи уште една година без посериозни амбиции, нешто на што Хамилтон не е навикнат.

Токму амбициите се главната причина поради која тој сака да се пресели во Ферари, тим што најавува дека веќе годинава ќе го предизвика Ред Бул кој лани делуваше недопирливо.

Леклер неодамна потпиша нов договор, па Хамилтон би дошол во Ферари на местото на Карлос Саинц. Шпанскиот возач си создаде доволно добар имиџ за без проблем да остане во Формула 1, па Саинц би можел да му се приклучи на Алонсо во Астон Мартин, или пак да го заземе испразнетото место на Хамилтон во Мерцедес.

Се вчитува...