Барса заигра како што знае, рутински го победи Алавес

Барселона веќе подолго време игра топло-ладно, но денешното издание на гостувањето против Алавес и триумфот од 1-3 е најава за подобри денови за каталонскиот гигант. Избраниците на Чави одиграа квалитетен меч во кој максимално ги користеа шансите што ги создадоа, Пења беше сигурен на голот, а одлично за Барса е што и Роберт Левандовски конечно се разбуди и ја прекина црната серија од нецели два месеци без постигнат погодок.

Токму Левандовски беше стрелец на првиот гол, откако полскиот ас мајсторски реагираше на асистенција на Гундоган и ја смести топката во мрежата на Алавес. Гундоган асистираше при првиот, но германскиот ас нешто подоцна го постигна вториот гол за Барса, со прекрасен волеј-удар по додавањето на Педри.

Алавес успеа да намали на 1-2, но Барса набрзо имаше одговор, Витор Роке влезе од клупата за резерви и стрелаше прецизно за 1-3. Роке, кој постигна два гола на последните два меча, само неколку минути подоцна заработи исклучување, но каталонците и со фудбалер помалку на теренот знаеја како да ја одржат предноста и да ги освојат трите бода на ова гостување во Баскија.

Се вчитува...