Репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска дефинитивно е најсреќниот состав во светскиот фудбал на почетокот од годинава, откако „слоновите“ во неверојатен меч го совладаа Мали со 2-1 пласирајќи се во полуфиналето од Купот на Африкански Нации.
За потсетување, оваа селекција немаше победа во групната фаза и беше на работ на елиминација, но само поради поклопувањето на резултатите од сите останати групи како една од подобрите третопласирани селекции се пласираше во нокаут фазата. Таму во осминафиналето на пенали го елиминираа бранителот на трофејот Сенегал, за вечерва во уште полуд натпревар да слават над Мали.
Фудбалерите на Мали самите се виновни бидејќи при резултат 0-0 не реализираа пенал на самиот почеток, а потоа целото второ полувреме го играа со фудбалер повеќе по исклучувањето на Косуну. Кога Нене постигна еврогол од 25 метри се чинеше дека Мали конечно го скрши отпорот на домашната селекција и ќе се пласира во полуфиналето. „Слоновите“ бодрени од навивачите мораа да се отворат, па во 91. минута стигнаа и до израмнување кога Адингра се најде на вистинското место и го совлада противничкиот голман. Се играа продолжија и се чинеше дека ќе решава пенал-рулетот, кога Брегот на Слоновата Коска во својот последен обид стигна и до втор гол, Диаките шутираше од дваесетина метри, а еден дефанзивец на Мали неспретно ја удри топката пред својот голман и таа заврши во мрежата.
„Слоновите“ на тој начин се пласираа во полуфиналето, а противниците бесни вината ја побараа на погрешно место. Имено, главниот судија им даде неколку минути на фудбалерите на Мали да се обидат да се вратат, но тие полудеа од бес кога тој не им дозволи да го изведат последниот корнер означувајќи крај на четвртфиналето, па дел од нив тргнаа и физички да се пресметаат со арбитрите, кои на крајот со помош на обезбедувањето се упатија кон соблекувалните.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

